Голо Брдо — археолошко наоѓалиште во кумановското село Канарево. Претставува населба од железното и доцноантичкото време.
На околу половина километар од маалото Мацанци и на околу еден километар западно од маалото Потевци, на десната страна на реката Петрошница се издига висок рид. Со исклучок на југоисточната страна, која е пристапна, другите три страни се многу стрмни и опкружени со коритото на реката. На највисокиот дел на ридот има зарамнето плато во облик на неправилен триаголник, кое паѓа кон северозапад.
По југоисточниот раб на платото се наоѓа висок насип, подигнат од земја и локален камен, широк во основата 20 метри, а пред него паралелно се протега длабоко ископан ров. По површината на платото се среќаваат фрагменти од керамички садови од железното време, украсувани со врежани шрафрирани триаголници, орнамент изведен со радла и слично. Има и фрагменти од керамички садови работени на колце од доцноантичкото време.
За одбележување се и трагите од многубројни објекти чии основи се распознаваат по тоа што носачите на древната конструкција биле поставувани во лежишта издлабени во карпата.
Поврзано Град — утврдена рударска населба од доцноантичко време и средниот век; Орљак — кастел од доцноантичко време; Канарево; Список на археолошки наоѓалишта во Кумановско.
Наводи