Мотел „Бриони“ — поранешен мотел во близина на тетовското село Челопек, Македонија.
Мотелот бил дигнат во воздух со динамит при воениот конфликт во Македонија на 26 август 2001 година и никогаш не бил повторно обновен.
Местоположба
Мотелот се наоѓал непосредно до реката Вардар, на неговиот лев брег. До него се доаѓало по локалниот асфалтен пат кој води до селото Челопек, откако се двоел од регионалниот пат Р2233.
Историја
Мотелот бил разрушен на 26 август 2001 година при воениот конфликт во Македонија. Непознати сторители ги врзале двајцата чувари (Светослав Трпковски и Боге Илиевски) за потпорните столбови сосе динамит и објектот го кренале во воздух заедно со нив. Настанот се случил две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и пет дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир.
Случајот никогаш не бил разрешен и сторителите за грозоморното дело не биле познати на јавноста. Овој случај бил опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи. Според некогашните првични извештаи, осуммина припадници на терористичката ОНА пристигнале со две патнички возила „фолксваген“ и „опел“. Првично биле осомничени шестмина жители на Челопек и по еден од селата Радиовце и Гургурница.
По разурнувањето во 2001 година, мотелот е оставен да пропаѓа и целиот е обраснат со трева и грмушки. Дел од албанското население на селото Челопек не дозволуваат земјоделската задруга „Единство“ од Челопек да продолжи да стопанисува со мотелот, бидејќи местото е нивно и бараат државата да им го додели на нив.
Галерија
Наводи
Категорија:Мотели во Македонија Категорија:Челопек (Тетовско) Категорија:Тероризам во Македонија Категорија:Градби оштетени за време на Воениот конфликт во Македонија