Блатна незаборавка или моклишна незаборавка (, syn. Myosotis palustris) — растителен вид незаборавка од семејството, Boraginaceae.

Опис Ова е повеќегодишно тревесто растение, високо од 20 до 55 см, со ползечки ризом и столони. Стеблото ѝ e вертикално или се издигнува, неразгрането или во горниот дел разгрането, во базалниот дел голо или со ретки стрчести влакненца, во горниот дел со прилегнати влакна. Базалните листови се копјести или издолжено тесно копјести до елиптични, долги 20 до 60 мм долги, широки 5 до 15 мм, во основата стеснети во дршка, од долната страна речиси голи или со куси прилегнати четинести влакна, насочени кон врвот на листовите. Стеблените листови се тесно елиптични, елиптични, копјести до јајцевидно-копјести, приседнати, долг 20 до 65 мм, широки 5 до 14 мм, со слична влакнавост како и базалните листови. Цветовите се собрани во врвни или странични соцветија кои при образување на плодот се издолжуваат. Цветните дршки се долги 1,5 до 3 мм, при образувањето на плодот се издолжуваат до 8 мм, стрчести или лачно свиткани наназад, најгорните косо поставени и насочени нагоре во однос на оската на соцветието. Чашката е yвончевидна, долга 1,5 до 3 мм, при образување на плодот се издолжува (до 6 мм), плитко всечена до 1/3 на 5 триаголни запци, со прилегнати четинести влакна, не отпаѓа. Проширениот дел од венчето е рамен, со пречник од 5–8 мм, венчето сино. Оревчињата се тесно јајцевидни, долги 1,5 до 2,0 мм, широки 1 до 1,2 мм, затапени, со јасно забележлив страничен раб, обично црни.

Живеалиште Растението обично се наоѓа во влажни или мокри живеалишта, како што се тресетишта, бари, потоци, ендеци, мочуришта и реки, Иако претпочита влажна почва, може да преживее потопено во вода и често може да образува пловечки сплавови. на надморска височина до 1900 м.

Распространетост Ова тревно повеќегодишно растение потекнува од Европа и Азија, но е широко распространето и на други места, вклучувајќи го и поголемиот дел од Северна Америка, како воведен вид, а понекогаш и како штетен плевел. Растението е вообичаено и широко распространето во Велика Британија, но е многу ретко во Џерси.

Македонија Познат за Шар Планина – Лисец, Попова Шапка, Елак , Вакуф, Рудока; Маврово: „Кожа“ – с. Врбен, Маврово, с. Никифорово; Бистра – Царева Чешма, с. Галичник ; клисурата на реката Радика: Состав – Торбешки Мост; Пелистер – с. Нижеполе, реката Сапунчица, Скрково, Орлови Бари, Дебел Рид – Езерска Река, с. Маловиште – реката Шемница, Широка – Палиснопје, Рбет, Црвени Стени, Арвати; Ниџе ; Крива Паланка – Герман; Осогово – Пониква; Саса ; Огражден – Суви Лаки.

Историско и културно влијание Според едно старо европско предание, цветот го добил своето име по еден настан каде што еден витез и неговата свршеница шетале покрај водата кога ги забележале цвеќињата. Дамата изразила желба да има едно од прекрасните цвеќиња и витезот отишол да ја исполни желбата на својата сакана. Но, кога витезот посегнал по нив, паднал во водата. Ги зграпчил цвеќињата што растеле покрај работ на водата и додека се давел, извикал „Не ме заборавај!“

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Незаборавка Категорија:Флора на Македонија