Trifolium striatum — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј.

Опис Растението е едногодишно и влакнесто, високо од 10 до 30 см. Разгрането е уште од основата, додека стебленцата најчесто остануваат неразгранети. Тие се исправени или приподигнати и се покриени со полураширени, долги влакна. Базалните листови имаат долги дршки, три до четири пати подолги од листната плочка, стеблените листови имаат дршки долги колку листната плочка, а најгорните листови имаат покуси дршки или се речиси приседнати. Лисните дршки се влакнести. Листовите се долго 7–12 мм, обратнојајцевидни до долгнавести, најшироки во горната половина, со тап, заоблен или плитко срцевидно всечен врв. Работ е ситно назабен, а од двете страни се покриени со прилегнати влакна. Основата е постепено клиновидно стеснета. Прилисниците се влакнести, јајцевидни, а нивниот слободен дел завршува со тесен триаглесто-шиловиден врв.

Соцветијата се јајцевидни до долгнавесто-јајцевидни или цилиндрични, долги 10–15 мм, со кратка дршка или речиси приседнати, а често се развиваат и странично во пазувите на листовите. Цветовите се без прицветници.

Чашката е долга 4–5 мм, со десет жили и по површината покриена со прилегнати долги влакна. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг 2,5–3 мм и по прецветувањето се надувува. Запците на чашката се шиловидни, со приближно еднаква должина и речиси исправени. Тие се покуси или долги колку цилиндричниот дел на чашката, а поретко и подолги. Венчето е розово, долго 5–7 мм и обично подолго од чашката, останувајќи на плодот и по прецветувањето. Барјачето е копјесто, крилцата се околу 0,5 мм покуси од него, а лаѓичката е долга колку крилцата. Плодот е речиси округла мешунка.

Варијабилност

T. s. subsp. striatum — чашкините запци се долги колку цилиндричниот дел на чашката или покуси. T. s. subsp. tenuiflorum (синоним: T. striatum var. elatum) — чашкините запци се подолги од цилиндричниот дел на чашката.

Распространетост во Македонија Подвидовите на растението растат по брдски пасишта, покрај грмушести растенија и покрај патишта на надморска височина до 1100 метри.

T. s. subsp. striatum е широко распространето растение на територијата на Македонија, и се среќава во Петровец, Катланово, Арачиново и Скопска Црна Гора во Скопје, во селото Рогачево во Тетово, на Шар Планина над селото Лисец, во селото Сујаклари во Велес, селата Амзабегово и Ерџелија во Свети Николе, Пробиштип, Кочани, селото Луково во Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, Кратово, Радовиш, селото Банско и Таорската Клисура во Струмица, Маркови Кули, манастирот Трескавец и селата Загорани, Кривогаштани и Витолиште во Прилеп, селата Карамани, Лознени и Црновршка Река во Битола, планината Галичица и Преспа на островот Голем Град. T. s. subsp. tenuiflorum е искличиво познато во Штип околу железничката станица Васко Прќе. Но во извор од 1943 година, Черњавски го посочува и во Струмица.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Обединетото Кралство Категорија:Детелина Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј