Еден Азар (роден на 7 јануари 1991 година) — белгиски фудбалер кој моментално игра за екипата на Реал Мадрид во шпанската Примера, и за репрезентацијата на Белгија. Неговата позиција во тимот е офанзивен играч од средниот ред, најчесто како крило. Азар е познат по неговата креативност, брзина, техничка способност и е исто така познат како „бестрашен, експлозивно офанзивен играч од средниот ред, кој може да ја промени играта со промена на темпото или дриблинг“. Тој, исто така е познат како „ноќна мора за дефанзивците“ и доби позитивни критики за неговиот стил на игра, со што ги поттикна медиумите, тренерите и играчите да го споредуваат со добитниците на наградата „Најдобар фудбалер на годината“ на ФИФА, Лионел Меси и Кристијано Роналдо

Азар е син на поранешните белгиски фудбалер и фудбалерка, Карин и Тјери Азар и ја започнал својата фудбалска кариера во Белгија играјќи за локалните клубови Ројал Стад Бреноа и Тибиз. Во 2005 година, тој го прифатил предизвикот од Франција преминувајќи во прволигашот Лил. Азар поминал две години во младинската академија на тимот, и на возраст од 16 години дебитирал во првиот тим во ноември 2007 година. Во неговата прва целосна сезона како стартер, ја добил наградата „Најдобар млад играч на годината“ од фудбалската унија на професионални фудбалери во Франција (УНФП), со што станал првиот нефранцуски играч кој ја добил оваа награда. Во сезоната 2009-2010, Азар повторно ја освоил наградата, и со тоа станал првиот играч кој ја освоил оваа награда двапати . Тој исто така бил именуван во најдобриот тим на годината во лигата. Откако дебитирал во тимот во 2007 година, Азар станал составен дел од тимот под раководство на менаџерот Руди Гарсија забележувајќи над 160 настапи. Во сезоната 2010-2011, тој бил дел од тимот на Лил кој ја освоил двојната круна во Франција, првенството и купот, и како резултат на неговите настапи тој бил прогласен за најдобар играч во првенството од Унијата на професионални фудбалери (УНФП) и со тоа станал најмладиот играч кој ја освоил оваа награда.

Азар е белгиски репрезентативец и има настапувано за младите репрезентации на Белгија до 17 и 19 години. Пред да настапува во сениорскиот тим, тој играл за тимот до 17 години кој се квалификува на Европското првенство за играчи до 17 години во 2007 година и за Светското првенство за играчи до 17 години истата година. Азар дебитирал за сениорскиот тим на Белгија во ноември 2008 година, на возраст од 17 години и 316 дена, на пријателски натпревар со Луксембург. Речиси три години по своето деби, Азар го постигнал својот прв гол за репрезентацијата против Казахстан во октомври 2011 година.

Приватен живот Азар е роден во градот Ла Лувјер, но израснал во Брен ле Конт, мал град во регионот Валонија. Тој израснал во семејство каде што доминирал фудбалот. Неговата мајка Карин и неговиот татко Тјери (да не се помеша со францускиот пејач и текстописец со истото име) обајцата биле фудбалери во Белгија. Неговиот татко најголем дел од својата кариера ја поминал во белгиската Втора лига во Р.А.А Лувјероз, додека неговата мајка играла како напаѓач во белгиската Прва лига за жени. Азар е највозрасниот од четирите нивни деца. Тој има три помлади браќа и сите тие играат фудбал. Торган во 2012 година му се приклучил на Еден во Челси, а во 2015 година преминал во Борусија Менхенгладбах. Останатите помлади браќа на Азар, Килјан игра за Ујпешт додека најмладиот, Итан, игра во младинската академија на поранешниот клуб на Азар, А.Ф.Ц Тибиз. Азар и неговите тројца браќа, израснале во удобна средина во која нивните родители им обезбедиле сè што им било потребно за да успеат. Семeјството живеело на не повеќе од „три метра“ до теренот за тренинг и браќата често оделе таму со цел да ги усовршат и развијат нивните вештини. Азар е оженет со Наташа. На 19 декември 2010 година, белгиските и француските медиуми објавиле дека таа родила машко дете, Јанис, а во 2013 го родила и Лео и третиот син, Сами, во септември 2015..

Клупска кариера

Почетокот на кариерата Азар ја започнал својата фудбалска кариера на четиригодишна возраст играјќи во клубот од родниот град, Ројал Стад Бреноа. Во текот на неговиот престој во клубот, еден од неговите тренери во младинските категории го опишал како „надарен“ играч кој „знае сè. Не требаше ништо да го учам“. Азар поминал осум години во клубот пред да се пресели во Тибиз. Додека играл за Тибиз, тој бил забележан од скаут на Лил, додека играл за клубот на локален турнир. Понатамошниот извештај на скаутот за играчот, ги предизвикал претставниците на клубот да се сретнат со таткото на Азар и да му понудат договор на младиот играч да игра за младиот тим на Лил. Родителите на Азар ја прифатиле понудата со надеж дека условите за тренинг во Франција ќе бидат подобри. Таткото на Азар подоцна изјавил дека одлуката да им дозволи на Еден, а потоа и на Торган да преминат во клубовите од северна Франција била најдобрата одлука: Тие останаа блиску до дома, а истовремено станаа дел од структури каде што можат да созреат, бидејќи во Белгија, за жал, тренирањето со млади е на пониско ниво.

Лил Азар му се приклучил на Лил во 2005 година и поминал две години да се развива во локалното спортско училиште на клубот, поради тоа што Младинската академија во Лишен во тоа време не била во функција. На 28 мај 2007 година, тој го потпишал својот прв професионален договор обврзувајќи се на тригодишен период на Лил. На почетокот на сезоната 2007-2008, на возраст од 16 години, Азар бил одбран во резервниот состав на клубот во аматерската лига четврто ниво на Франција, иако тој сè уште играл за тимот на Лил до 18 години во нивната младинска лига во купот Гамбардела. Азар го направил своето аматерско деби влегувајќи во игра во второто полувреме како замена, на 1 септември на лигашки натпревар против Расинг Клуб де Франс во кој биле поразени со 3 : 1. Тој за првпат настапил како стартер една недела подоцна, во поразот на неговиот тим од Лескен со 1 : 0.

Откако го поминал поголемиот дел од октомври и почетокот на ноември играјќи за тимот до 18 години, поради тоа што неколку играчи имале репрезентативни обврски, на 14 ноември Азар бил повикан во сениорскиот тим од менаџерот Клод Пиел да настапи на пријателски натпревар против белгискиот клуб Бриж на 16 ноември. Тој влегол во игра од клупата за резерви и како резултат на неговата игра, беше вклучен во 18-члениот тим, кој се соочил со Нанси во првенствен натпревар на 24 ноември. Азар, потоа го направил своето професионално деби на следниот натпревар влегувајќи во игра како резерва во 78-та минутаref></ref>.

Азар се вратил во резервниот тим на клубот и играл за тимот во декември. По зимската пауза, Азар се вратил во првиот тим во јануари и настапил како резерва на три првенствени натпревари против: Мец, Сошо и Пари Сен-Жермен. Потоа, тој повторно бил префрлен на аматерско ниво, каде што истовремено настапувал за резервниот тим во четвртата лига и за тимот до 18 години во купот Гамбардела. На 17 мај 2008 година, тој го постигнал својот прв аматерски гол во победата од 3 : 2 над Витре. Азар ја завршил аматерската кариера со 11 настапи и еден гол, со што му помогнал на резервниот тим да го освои петтото место, којшто бил прв помеѓу резервните тимови на професионалните клубови кои играат во тоа натпреварување.

Сезона 2008-2009 Во сезоната 2008-09, Азар го носел дресот со број 26 и бил прекомандуван во сениорскиот тим од новиот менаџер Руди Гарсија. Во почетокот, тој настапил неколкупати како резерва, официјално дебитирајќи на натпреварот против Сошо, како резерва, во ремито од 1 : 1 на 14 септември 2008. На еден од неговите настапи како резерва тој се покажал како доста корисен, против ФК Осер на 20 септември. Лил губел со 2 : 1 во последните минути од натпреварот, и по изведувањето на корнерот на Лил и краткото исфрлање на топката од играчите на Осер, Азар упатил удар со десната нога надвор од шеснаесетникот. Тој го совладал голманот и го израмнил резултатот на 2 : 2 во 88-та минута. Со голема самодоверба, Лил го добил натпреварот во судиското надополнување со 3 : 2 со голот на Тулио де Мелу. Со првиот гол во кариерата, тој станал најмладиот играч кој постигнал гол во историјата на клубот. Четири дена откако го постигнал својот прв гол во кариерата, Азар за првпат дебитирал како стартер во Купот на Франција, во поразот од 4 : 2 на пенали од Монпелје. Откако на следните пет натпревари во првенството тој бил резерва, на 15 ноември Азар за првпат дебитирал како стартер во првенството против Сент Етјен. Тој го одбележал настапот постигнувајќи го првиот гол во победата од 3 : 0 на неговиот тим. Лил му понудил продолжување на договорот на три години, како резултат на неговите добри настапи за тимот, на што тој се согласил на 18 ноември 2008 обврзувајќи се со клубот до 2012 година.

Откако настапувал како резерва во декември, Азар се вратил во почетната постава на тимот во јануари. На 23 јануари, тој го постигнал вториот гол во победата од 3 : 0 на натпреварот против аматерскиот тим на Динкерк во 1/16 финалето на Купот на Франција. Две недели подоцна, тој го постигнал победоносниот погодок против Сошо во првенството, а на 22 февруари асистирал во победоносниот погодок против Монако. Во осминафиналето во Купот на Франција, Азар постигнал гол во победата од 3 : 2 над бранителот на трофејот во Купот на Франција, Лион. На 26 април, тој го постигнал првиот гол против Марсеј, иако Лил го загубил натпреварот со 2 : 1. На последните десет натпревари од сезоната, Азар настапил осум пати како стартер и придонел во пласманот на тимот на 5-то место, место кое го одвело Лил во новоформираната Лига Европа на УЕФА. По крајот на сезоната, тој бил прогласен за „Најдобар млад играч на годината“ од Унијата на професионални фудбалери УНФП, со што станал првиот странски фудбалер кој го добил ова признание.

Сезона 2009 - 2010 По сезоната 2008-09, во голем број на земји постојано се јавувале медиумски шпекулации околу достапноста на Азар на трансфер пазарот. И покрај тоа што претседателот на Лил, Мишел Сејду објавил дека играчот не е на продажба, а Азар изјавил дека сака да остане во клубот најмалку уште една година, неколку клубови пројавиле интерес за играчот. Значајни клубови како што се: англиските Арсенал и Манчестер јунајтед, италијанскиот Интер и шпанските клубови Барселона и Реал Мадрид. Француската фудбалска легенда, Зинедин Зидан лично му го препорачал играчот на Реал Мадрид.

Азар ја започнал сезоната 2008-09 во силно темпо, постигнувајќи гол во првиот официјален натпревар на Лил во сезоната. Голот го постигнал во победата од 2 : 0 против српскиот клуб ФК Севојно, на првиот натпревар во третото квалификациско коло во Лига Европа. На 27 август, тој го постигнал вториот гол во кариерата во европските купови против белгискиот Генк во реваншот од плејофот. Тоа бил четвртиот гол за Лил во победата од 4 : 2. Со вкупен резултат од 6 : 3, клубот обезбедил пласман во групната фаза на Лига Европа. На 22 октомври, тој постигнал гол во 84-та минута, во важната победа на Лил над италијанскиот клуб Џенова, откако влегол во игра како резерва 10 минути порано. Откако примил топка по левата крилна позиција, Азар брзо ја претрчал средината поминувајќи шестмина дефанзивци пред да постигне гол од 16 метри. Еден месец подоцна, Азар бил клучен во демолирањето на чешкиот клуб Славија Прага со 5 : 1, и бил делумно заслужен за првиот гол откако ја поминал одбраната и испратил центаршут до дирекот, со кој го принудил играчот на Славија, Марек Сухи, да си постигне автогол.