Мајлс Дуи Дејвис Третиот () роден на 26 мај 1926, бил американски џез музичар, трубач, водач на група и композитор. Сметан ширум светот за еден од највлијателните мизичари на 20 век, Мајлс Дејвис заедно со неговите музички групи беше во редовите на оние музичари коишто ја развија џез музиката, како и бибап стилот, кул џезот, хард боб стилот, модал џезот и џез фузијата.

На 7 октомври 2008 година, неговиот албум од 1959 година „Kind of Blue“ ја доби потврдата за својата четирикратна платинска продажба од страна на Асоцијацијата на музичката издавачка индустрија на Америка, со 4 милиони примероци пуштени во продажба во Соединетите Држави. Мајлс Дејвис во 2006 година беше примен во Куќата на славните на рокенролот, Дејвис беше запишан како „еден од најбитните фигури во историјата на џезот“. На 15 декември 2009 година Претставничкиот Дом на Соединетите Американски Држави изгласал симболичка резолуција по повод педесет годишнината од издавање на албумот „Kind of Blue“: „оддавајќи почит на неговото ремек дело и реафирмирајќи го џезот“ со што го прогласија за национално богатство.

Животопис

Рани години

Мајлс Дејвис е роден на 26 мај 1926 година, во Алтон, Илиноис, во богато афроамериканско семејство. Неговиот татко Мајлс Хенри Дејвис бил забар. Во 1927 година неговото семејство се преселило во Ист Сеинт Луис, Илиноис. Тие исто така поседувале значителен ранч во северен Арканзас, каде што Дејвис уште како дете научил да јава коњи.

Мајката на Дејвис, Клеота Мае (Хенри) Дејвис, сакала нејзиниот син да научи да свири на пијано, иако никогаш не му кажала дека таа била солиден блуз пијанист. Неговите музички студии започнале на негова тринаесет годишна возраст, кога татко му му подарил труба и му платил да зема часови кај локалниот музичар Елвуд Буханан. Дејвис подоцна изјавил дека изборот на инструмент којшто го направил неговиот татко бил еднинствено за да ја иритира неговата мајка, бидејќи таа никогаш не го сакала звукот на трубата. И покрај трендот во тоа време, Буханан ја истакнувал важноста на свирење без вибрато, се претпоставува дека тој го удирал по зглобовите секој пат кога Дејвис ќе употребел вибрато. Дејвис го продолжил својот препознатлив чист звук низ текот на целата негова кариера. Тој еднаш има изјавено: „јас претпочитам чист звук без многу став во него, исто како и чист глас без премногу тремоло и бас во него. Нешто измеѓу. Ако не можам да го добијам тој звук, тогаш не можам да свирам ништо.“ Кларк Тери беше уште едно негово влијание во неговата рана фаза од кариерата.

До неговата шеснаесет годишна возраст, кога немал обврски во училиште тој бил во светот на музичарите, настапувал како професионален музичар. Тој ја поминал својата 17. година свирејќи во бендот на Еди Рендл наречен Сините Ѓаволи, односно Блу Девилс (Blue Devils). Во овој период Сони Стит се обидел да го наговори да премине во бендот на Тајни Бредшо, кога поминувајќи во градот ја среќава мајка му која инсистирала да ја заврши својата последна година од средно училиште. Тој матурирал во 1944 година во средното училиште “Ист Сеинт Луис Линколн”. Во 1944 година, бендот на Били Екстин бил во посета на Ист Сеинт Луис, каде што Дизи Гилеспи и Чарли Паркер биле своевремено негови членови, Дејвис бил доведен таму како трет трубач само на неколку недели, бидејќи нивниот постојан трубач Бади Андерсон бил болен. И покрај ова негово искуство, по заминувањето од бендот на Екстин, родителите на Дејвис биле едногласни во нивните барања тој да го продолжи неговото образование.

Њујорк и почетоците на бибоп стилот (1944-48)

Есента 1944 година, Дејвис го завршил средното училиште, и се преселил во Њујорк да го продолжи своето образование во музичкото училиште „Џулијард“.

По неговото доаѓање во Њујорк, и покрај противењето на неколкумина тој да ги поминува своите први неколку недели обидувајќи се да стапи во контакт со Чарли Паркер, сепак тој успева да стапи во контакт не само со него туку и со саксофонистот Колман Хокинс. мини|200п|лево|Колмен Хокинс и Мајлс Дејвис фотографирани во септември 1947 По конечното пронаоѓање на неговиот идол, Дејвид станал еден од музичарите којшто одржувале импровизирани ноќни сесии во два ноќни клуба во Харлем, Милтонс Плејхаус и Монрос. Бендовите биле составени од музичари како што се Фатс Наваро, Фреди Вебстер и Џ.Џ. Џонсон, кои подоцна ќе станат водачи во бибап револуцијата. На овие музички настани имало изведувачи и од редовите на етаблираните музичари како што се Телониус Монк и Кени Кларк.

Дејвис откако побарал дозвола од неговиот татко, си заминал од „Џулијард“. Во неговата автобиографија, Дејвис го критикува музичкото училиште поради настроеноста кон проевропските музичари, меѓу кои многумина биле белци. Како и да е, тој има нагласено дека и покрај зголемувањето на неговите вештини на трубата, музичкото училиште му ги поставило темелите на неговото теоретско познавање на музиката, кое што подоцна ќе се покаже и како корисно. Дејвис почнал да се занимава професионално, изведувајќи во неколку клуба заедно со Колман Хокинс и Еди Дејвис. Во 1945 година, тој за првпат стапнал во студио за снимање како дел од бендот на Херби Филдс. Во 1946 година му се укажала шанса да сними албум во улога на водач на група, со привремената група наречена „Мајлс Дејвис Секстет“ заедно со Ерл Колман и Ен Хетевеј. Неговиот следен ваков албум бил издаден дури во 1947 година.

Околу 1945 година, Дизи Гилеспи се разделил со Паркер, и Дејвис бил најмен да го пополни местото на Гилеспи во бендот, во којшто свиреле Макс Роуч на тапани, Ал Хеиг на пијано, (подоцна заменет со Сер Чарлс Томсон и Дјук Џордан), и Курли Расел на бас (подоцна заменет со Томи Потер и Леонард Гескин).

Со Паркер Квинтетот, Дејвис влегол неколкупати во студио, покажувајќи го неговиот препознатлив стил по кој ќе се прослави. Често користената песна на Паркер “Now's the Time”, ќе ја искористи и Дејвис во своевидно мелодично соло кое личело на кул џез стилот кој подоцна станал многу популарен кај музичарите. Паркер Квинтетот одржувал турнеи насекаде. Додека биле на турнеја во Лос Анџелес, Паркер доживеал нервен напад, по што бил сместен неколку месеци во државната ментална болница „Камарило“, по што Дејвис се нашол заглавен. Тој живеел и соработувал одредено време со басистот Чарлс Мингус, пред да работи на турнејата на Били Екстин низ Калифорнија. Во 1948 година, Паркер се вратил во Њујорк, а Дејвис му се приклучил на бендот. мини|230п|десно|Мајлс Дејвис на пијано со Хауард Мекги и Брик Флигли. Фотографирани во септември 1947 Односите меѓу членовите на бендот станувале сè понапнати. Во декември 1948 година, настанала караница околу поделба на хонорарот, која што ги заладила односите меѓу членовите уште повеќе. Дејвис конечно ја напуштил групата поради неговата караница со Паркер во Ројал Руст.

За Дејвис, неговата разделба со бендот на Паркер го означила периодот во кој тој ќе настапува како хонорарен изведувач или како поддршка за големите џез „ѕверки“ на њујоршката џез сцена.

Раѓање на кул стилот (1948-49)

Во 1948 година, Дејвис се зближил со канадскиот композитор и аранжер Гил Еванс. Подрумот на Еванс наскоро станал место за средба на неколку млади музичари и композитори како што се Дејвис, Роуч, пијанистот Џон Луис и сакс баритонистот Гери Малиган, кој бил незадоволен од зголемениот обем на инструментални техники што го одбележале бибап периодот. Еванс бил аранжерот во оркестарот на Клауд Торнхил, и поради звукот кој го произведувал овој бенд, како и звукот на Дјук Елингтон, дошло до создавање на невообичаена постава, нонет, деветмина, вклучувајќи ги и инструментите француски рог и туба.

Дејвис зел активна улога во овој проект, а по извесно време овој проект се претворил во негов. Целта била да се создаде звук сличен на човечкиот глас, низ низа на внимателно аранжирани композиции, нагласувајќи дека до импровизациите треба да се стигне со релаксирачки, мелодичен пристап. Нонетот дебитирал во летото 1948 година, со двонеделен резервиран термин во Ројал Руст. Најавата за нивниот настап гласела: „Мајлс Дејвис нонет, аранжман на Гил Еванс, Џон Луис и Гери Малиган“.

Нонетот бил активен сè до крајот на 1949 година, кога претрпел неколу измени: Роуч и Дејвис биле постојани членови, заедно со Молиган, свирачот на туба Бил Барбер, и алто саксофонистот Ли Кониц кој бил препорачан од страна на Сони Стит чиј стил се сметал за премногу ориентиран кон бибап стилот. Во текот на следните месеци, Џон Луис се менувал со Ал Хаиг на пијано, Мајк Цверин со Кај Виндинг на тромбон (Џонсон во тој период бил на турнеја), Џуниор Колинс со Сенди Сиглстин, Гунтер Шулер на француски рог и Ал Меккибон со Џо Шулман на бас. Вокалистот Кени Хејгуд во текот на снимањето бил додаден за потребите на една песна.

Присуството на музичари белци во бендот разгневило некои црни џез музичари коишто во тоа време биле невработени, но Дејвис ги отфрлил нивните критики и жалби.

Договорот со Капитол Рекордс му овозможил на нонетот неколку сесии за снимање помеѓу јануари 1949 и април 1950 година. Материјалот којшто го снимале бил издаден во 1956 година под насловот “Birth of the Cool” по кого и ќе го носи името на овој музички правец наречен „кул џез“, правец кој бил развиван уште од почетоците на бендот на Дејвис. Дејвис бил потполно свесен за важноста на овој проект, кој го следел до оној степен да ја одбие работата во бендот на Дјук Елингтон. Важноста за искуството на нонетот им станала јасна на критичарите и пошироката јавност само по неколку години, но во поглед на комерцијализацијата, нонетот немал голем успех. Критиките за нивниот прв снимен албум на Дејвис Квинтет за Колумбија Рекордс го нарекле нивниот албум најспектакуларниот неуспех во клупската џез сцена. Оваа рецензија била прифатена од Дејвис со горчина, кој самиот се сметал за основоположник на овој правец.

Ова искуство исто така го одбележало почетокот на доживотното пријателство помеѓу Дејвис и Гил Еванс, сојуз кој донел многу новини во годините што следат.

Хард боп и „синиот период“ (1950-54)

Во првата половина на 1950-те години за Дејвис бил период на големи персонални тешкотии. Кон крајот на 1949 година, тој замина со групата на турнеја во Париз, вклучувајќи ги тука и Тед Дамерон, Кени Кларк (кои по завршување на турнејата останале во Европа), и Џејмс Муди. Дејвис бил фасциниран од Париз и неговата културна околина, каде што црнците и афроамериканските музичари биле подобро третирани отколку во нивната татковина. Додека биле во Париз, Дејвис започнал врска со француската глумица и пејачка Жулиет Греко.

Многумина од неговите нови и стари пријатели се обиделе да го премислат да остане во Франција, споменувајќи го Дејвис, Кени Кларк, во својата автобиографија, но сепак одлучил да се врати во Њујорк. Во неговата татковина, тој почнал да чувствува длабока депресија. Депресијата беше делумно резултат на разделбата со Греко, делумно бидејќи не беше многу почитуван во критичките кругови, кои ги издигнуваа неговите поранешни соработници дека се водачи во новото кул џез движење, а делумно поради тајната врска со негова поранешна соученичка од Сејнт Луис која живеела и имајќи со него две деца.