Албанското востание од 1912 година било големо вооружено востание против власта на Отоманското Царство, кое се одвивало од јануари до септември 1912 година и претставувало кулминација на претходните албански востанија и на стремежите за поширока автономија во рамките на Царството. Востанието било предизвикано од незадоволството од централистичката политика на Младотурците и се проширило низ значителен дел од европските османлиски територии населени со Албанци, при што најголем интензитет достигнало во Косово. Меѓу истакнатите водачи на востанието биле Хасан Приштина, Иса Бољетинец, Бајрам Цури и Идриз Сефери.

По низа успеси во востанието, востаниците во август 1912 година навлегле во Скопје, административниот центар на Косовскиот Вилает, со што извршиле силен притисок врз османлиската власт. Во текот на преговорите со османлиската влада, водачите на востанието ги изнеле таканаречените Четиринаесет точки, со кои, меѓу другото, барале реформи во управата, образованието и судството, употреба на албанскиот јазик во училиштата, именување службеници запознаени со месниот јазик и обичаи и други отстапки. Иако барањата не содржеле изречно барање за независност, нивното спроведување би овозможило значителен степен на самоуправа во областите населени со Албанци.

Високата порта на почетокот на септември 1912 година прифатила поголем дел од барањата на востаниците, со што востанието завршило. Неговиот успех, слабеењето на османлиската власт на Балканот и можноста за создавање поширока албанска автономија предизвикале загриженост кај балканските држави и придонеле за забрзување на дипломатските и воените подготовки што наскоро довеле до избувнувањето на Првата балканска војна. Востанието, сепак, не довело до создавање независна Албанија; тоа било прогласено дури во ноември 1912 година, во услови на војната и напредувањето на војските на Балканскиот сојуз.мини|Српски извештај за текот и развојот на арнаутската побуна во текот на мај 1912. Заднина Во јули 1908 година во Отоманското Царство започнала Младотурската револуција. Како последица на тоа во Албанија даноците се зголемиле а Албанците продолжиле да се регрутираат во османлиската армија, а цивилното население било разоружано. Во 1910 година започнале серија од востанија кои не завршувале со успех. Во јануари 1912 година Хасан Приштина и Исмаил Кемал започнале подготовка за ново востание.

Текот на востанието Востанието избувнало во јануари 1912 година и истото било поддржано од Србија и Црна Гора. Италија од друга страна исто така го поддржала востанието бидејќи во исто време војувала со Османлиите. Нивната помош се должела на дополнителна дестабилизација на Османлиското Царство. Претходно албанските претставници се состаниле со османлиските власти но не добиле позитивен одговор во нивните барања. Исмаил Кемал бил одговорен за испорака на 15.000 пушки во Косово преку Црна Гора. Претходно бил низ европските земји каде добил оружје и средства и меѓународна поддршка за востанието. Во исто време тој кординирал со раководството на востаниците преку Британската амбасада во Скопје.

Хасан Приштина направил обид да ја привлече Бугарија како сојузник, нудејќи создавање на независна албанско-македонска држава во Македонија, поддржан од британскиот конзул во Скопје. Биртанският конзул ветувал силна поддршка на востанатото на Албанците.

Востанието започнало во западниот дел на Косовскиот Вилает, на чело на кое застанале Хасан Приштина, Некџиб Драга, Бајрам Цури, Риза Беј и други. Есад Паша Топтан се обврзал да организира востание во централна Албанија и во округот Мирдита. Албанските војници и офицери се повлекле од отоманската армија и се вклучиле во востанието. До август 1912 година востаниците ја зазеле целата територија на Косовскиот Вилает (Нови Пазар, Приштина, Скопје и Сиеница), делови од Скадарскиот и Јанинскиот вилает (Елбасан, Лесковик и Коница) и Дебар, дел од Битолскиот Вилает.

За успехот на востанието помагнала и турско-италијанската војна. Отомански сили се противеле на заповедите да се борат со албанските муслимани револуционери, бидејќи ги сметале за браќа по вера.

Албанските востаници упатиле со голем број на барања до Младотурската влада. Тие биле објавени во албанските емигрантски весници во Царството Бугарија во март 1912 година. Дел од барањата се именувањата на албански офицери во владината администрација, интегрирање на албанскиот јазик во локалните училишта и ограничување на регрутацијата на Албанци во Османлиската армија за Косовскиот Вилает. Самите Албанци биле поделени, некои од нив биле наклонети кон Младотурскиот Комитет за единство и напредок, други на либералната партија, а трети биле за обновување на автократија на Абдул Хамид II. На 9 август 1912 година албанските востаници поднеле нов список на барања за реформи и создавање на автономен албански вилает. Меѓу барањата биле економски развој на албанските територии, целосна амнестија на бунтовниците и судски процеси за османлиските офицери кои учествувале во задушувањето на востанието.

Последици На 4 септември 1912 година Високата порта го прекратила албанското востание, откако се согласила со сите барањата на револуционерите. Успехот на албанското востание дало сигнал на балканските држави дека Отоманското Царство слабее. Создавањето на автономен албански вилает, опфаќајќи територии населени со христијанско население се третирале како закана за националните интереси на останатите христијански земји од Балканот. Хасан Приштина започнал подготовка на ново востание за по три до четири месеци, но неговите планови пропаднале по почетокот на Балканската војна.

Литература

Категорија:Судири во 1912 година Категорија:Востанија против Отоманското Царство Категорија:Отоманското Царство во 20 век Категорија:Отоманска Албанија Категорија:Отоманско Скопје