мини|200п|Вез од женска кошула од село Дуње, Мариово од почетокот на XX век. Македонскиот народен вез се пренесувал континуирано од поколение на поколение, согласно со битот и вербата на македонскиот народ во продолжување на традициите. Највисокиот дострел во својот развој, македонската везбена уметност го достигнала во 19 век. Еволуцијата на оваа уметност, чии корења лежат уште на прасловенската почва, секако во себе вклопила траги и наслојувања од разни изминати епохи и култури. Нејзиниот сложен еволутивен процес почнал да се одвива ообено по доселувањето на Словените на Балканот, преку приспособување со сродните старобалкански културни елементи. За натамошниот развој и формирање на македонската везбена уметност посебно значење имал византиската култура, за што придонело и непоредното соседство на Македонија о византиската цивилизација. Вековното турско влијание, не се одразило битно врз развојот на македонското везбно творештво понатаму, макар што се евидентни некои елементи и од исламската уметност, особено во однос на колоритните промени и инфилтрирањето на нови мотиви. Но, и покрај разните историски фактори, формирањето на македонското везбено творештво во една издиференцирана народна уметност секако се должи најмногу на колективните уметнички потенцијали на средината во која се создавало и егзистирало. А во тој поглед македонскиот народен вез јавно сведочи за творечката оригиналнот на неговиот создавач - македонската жена.
Носители на везбеното творештво
Носители на везбеното творештво во Македонија исклучиво биле народните носии, посебно селските, кои се задржале во својата комплетна животна функција сè до првите децении на овој век. Везот претставувал карактеристичен традиционален украс, особено на женските носии, а од нив најмногу cе везеле кошулите и покривалата за на глава. Женската кошула, cо cвоите скромни кројни елементи на туниковидна облека, типична за цела Македонија, задржала траги на прастари форми, кои ја доведувааат во непоредна врска со старобалканската орнаментирана туника, употребувана на Балканот уште пред доаѓањето на словените, а која не му била туѓа ни на словенкиот вет. Задржувајќи се на првобитните стадиуми во развојот на оваа облека што се однесува до нејзиниот облик, македонските кошули ја развиле понатаму нејзината декорација, во која се одразил и раскошниот стил на византискиот текстил.
Меѓу разните женски везени покривала за на глава посебно место им припаѓа на невестинските сокаи и убруси, а тие не само што се истакнуваат како врвни естетки вредности на македонската везбена уметност, туку имаат и историско значење како најстари македонски везбени изработки досега, во кои што е конзервирана голема архаичност. Нивната очигледна сличност по форма, техника, орнаментација и функција, со соодветни делови од носиите на некои народи од Поволжјето, не можела да никне случајно и секако потврдува многу дамнешни културно-историски врски.
Изработка на везовите мини|лево|250п|Ракав од женска кошула везен со црна и сина волна, Скопска Црна Гора, почеток на XX век. Македонските везови се работени редовно со домашни волнени конци, што го овозможувало и некогашното развиено македонско овчарство. За везење на празнични и невестинки носии се употребувала и домашна свила, а речиси насекаде, за нив се користела и срма. Посебно карактеристичен бил домашниот традиционален начин на приготвување волнени конци за везење, кои се сукале и удвојувале само со раце, без никакви технички помагала, што претставува еден од најпрвобитните степени на предење текстилни влакна.
Карактеристично речиси за сите македонски везови е нивната изведба со броење на жиците од платното и најчесто од опачната страна, што овозможува полесно броење, но кое бара и развиена техничка вештина. Во поглед на техничката изведба, за македонските везови најтипична е гобленската техника - полнеж, која со своите варијанти достигнала виоко техничко ниво. Одделни техники во везот - релјефните, ажурните, крвчињата - се ограничени само на некои области. Везењето со прави ободи - сокаечко, трупа - најмногу се застапени на женските покривала за на главаа, кои, поради мошне сложената техничка изведба, често ги изработувале само поединечни везилки.
Бои на везовите Македонските везови се најчесто полихромни, но познавањето на повеќе тонски градации од исти бои, е сосем ограничена појава. Поретко се застапени бихроматски везови, додека монохромните се одлика само на некои региони.
Во колоритот на македонските полихромни везови, доминира црвената боја во нејзиниот широк тонски регистар, но тоа е во зависност од регионот и од хронологијата на нејзината употреба. Меѓутоа, присутна е паралелната примена на две нијанси на црвената боја, било како алтернација или како фон и орнамент. Друга доминантна боја е црната, а во својство на секундарни бои е застапена модрата, зелената и жолтата, поретко и белата. Притоа, колоритните односи во македонскиот народен вез се строго определени, боите се комбинирани во согласност со закономерни ритмички принципи, кои откриваат еден беспогрешен вкус кај селската жена, која и не ги познавала законите на хармонијата.
Орнаментика мини|лево|250п|Вез од тетовскиот регион. мини|250п|Вез од Мариово. Општа одлика на македонскиот народен вез е строго геометриската орнаментика. Геометриските мотиви се застапени во нивниот најширок обем - од наједноставни прави и цик-цак линии до сложени геометрики облици. Често и не е јасно што претставуваат одделни орнаментални мотиви, кои во процесот на нивното пренесување од генерација на генерација, од место на место, сè повеќе се модифицирале и губеле од своето првобитно значење, оформувајќи се во апстрактни геометризирани орнаменти.
Македонската везилка опфатила и флорални мотиви, но толкувани со геометризам карактеристичен за нејзините везови. Најчеста е појавата на цветни мотиви, но и тие претставуваат стилизирани облици на цветови воопшто, со или без лисја, а не на определени видови цвеќиња. Но, и покрај трансформацијата на природните норми, во македонските везови се присутни и определени цветни стилизации, најчесто на лалето и каранфилот. Шематизирани зооморфни и антропоморфни мотиви е најретка појава во македонскиот народен вез, кои во најголем број случаи означуваат претстави на поединечни животински или човечки белези. За ова веројатно придонеле и забраните на исламот за претставување на човечки и декоративни ликови во декоративната уметност, а Македонија најдолго од сите балкански народи останала под ропството на Турците.
Секој предел во Македонија ја одржувал, низ поколенија, својата традиционална определеност за орнамент, техника или колорит, наследени уште од дамнешни времиња. Овие специфичности, особено во западниот дел на Македонија имаат потекло уште од прасловенскиот период. Големите миграциони движења во Македонија во последниве два века придонеле за едно везбено шаренило на територијата на Македонија. Но, и покрај тоа, секој предел ги задржал своите специфични везбени особености, приспособувајќи ги новите влијанија на старите ликовно-естетски одлики и традиционални норми.
Везот на женската носија од Кумановско, по својот ликовен третман и карактеристична чисто геометриска орнаментика, создадена од аглести форми со испрекршени и назабени контури, е единствен во Македонија. Оригинално и архитектонично конструираните орнаменти, во пртежно црвен тоналитет, остро се оцртуваат на црниот фон, а техничката изведба со бодови во спротивни правци - што е инаку атипично за македонскиот вез - ја надополнуваат везбената декорација и со ефекти на светло-сенка.
Женските кошули од Скопска Црна Гора се одликуваат со импозантна црна релјефна орнаментика, која по стил и фактура доследна споредба наоѓа во текстилната декорација на богато орнаментираните коптски туники од ранохристијанско време. Орнаментите најчесто се истакнуваат преку виртуозната игра на везбените техники или со дискретна примена на темномодри комбинации. Црниот релјефен вез од дебели конци е застапен и на женската носија од Долни Полог, но нејзината специфичност е изобилната примена на бела срма и тенки метални ленти, што и даваат на оваа орнаментика блесок и посебна убавина.
Спротивно на смирениот црн колорит во везот на Скопска Црна Гора, женската носија од Скопска Блатија се одликува со разнобојна и разиграна орнаментика, која и по орнамент и по техничка изведба се разликува од претходните. За основа на орнаментите служи само белото платно, а везот изобилува со разни геометриски мотиви, но и со цветни стилизации, дури и митолошки претстави, најчесто аждери.
Живописните и познати мијачки носии ги карактеризира нивниот оригинален вез со линеарно-геометрики мотиви во интензивна црвена боја, а неговата специфичност е ажурната техника, но од друг вид, што ја користеле и везилките од Дебар за украсување на својата стара носија. мини|лево|200п|Ракав „со една вртешка“ од женска празнична кошула. Везен со волна во бои: „аловна“, „ѓувезна“, црна и жолта. с. Костинци, Прилепско Поле, крај на XIX век. Ситната и префинета релјефна орнаментика, како и извонредно оригиналната орнаментална композиција, им даваат карактеристичен печат на везените кошули од Дебарски и Струшки Дримкол, од Струшко и Охридско поле. А сите заедно претставуваат вистинска орнаментална цветна градина, зошто тука цветните стилизации достигнале најширока примена и најреална интерпретација на природните форми. Со посебни естетски и технички квалитети се истакнуваат струшките и охридските сокаи за на глава, везени со свила или волна, во чија орнаментика доминираат геометриските мотиви.
Најтипичните претставници на гобленската техника се везените носии од Прилепско-битолската Котлина и од Мариово, кои импресионираат со богатството на мотиви и доминантната пламено-црвена боја.. Традиционалниот вез на женските кошули од овие подрачја зачувал една монументална стилска композиција, а од неа како да одблеснува сјајот на византискиот текстил. Најчесто се извезени во соодветни бои не само мотивите, туку и самиот фон, така што везот има ефект на ткаенина. А прилепските и битолските сокаи се вбројуваат меќу најубавите во Македонија.
Во женските носии од Кичевијата и Порече доминираат геометриските мотиви во раскошни комбинации, а по орнаменталниот карактер и смелите колористични решенија на одделни примероци, овие везови се доближуваат и до најсовремените ликовни настојувања. Но, творечките димензии на жената најмаркантно се превентирани на убрусите за на глава, кои, заедно со македонските сокаи, претавуваат вистински ремек дела на македонската везбена уметност.
Во областа Река меѓу Лерин и Костур, женските носии се украсени со вез, кој ги наоѓа своите аналогии во носијата на најблиските битолски села, но кој се одликува со некои специфики во стилот, додека везбените мотиви од Леринско Поле се реализирани исклучително во техниката крвчиња, што е редок феномен.
Сите овие регионални видови во македонското везбено творештво, создавани со векови од многубројни анонимни мајстори на уметничкото изразување во везот, откриваат една развиена творечка фантазија, една беспрекорна мисла за игра на бои и форми и техничка изведба изградена до совршенство.
Изработка на македонскиот народен вез